
октомври 22, 2020
18 Октомври – Европски ден на борба против трговија со луѓе Онлајн врсничка едукација на тема “Трговија со луѓе”
Трговијата со луѓе е сериозен општествен проблем и претставува најтешка форма на кршење на основните човекови права – правото на живот, на слободно движење, на слобода на избор и други права и слободи. Трговијата со луѓе е проблем кој бара заеднички пристап за негово сузбивање и вложување на заеднички напори од соодветните релевантни институции. Црвениот крст на Република Северна Македонија како член на Секретаријатот на Националната Комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција преку имплементација на превентивни активности дава придонес во борбата против овој глобален проблем што се рефлектира и во нашата земја.
Во таа насока Црвениот крст на РСМ и оваа година се вклучува во одбележување на 18 Октомври – Европски ден на борба против трговија со луѓе со организирање на превентивни активности за врсничка едукација на младата популација. Превентивните лекции имаат за цел подигање на свеста на младите, препознавање на начините преку кои можат да бидат вовлечени во трговијата со луѓе и нивна самозаштита.
По тој повод, Црвен крст на РСМ – Општинска организација Центар, на ден 22.10.2020 во 18 часот, реализираше онлајн врсничка едукација во Клубот на млади преку која волонтерите се информираа и дознаа повеќе за трговијата со луѓе. Едукацијата беше од интерактивен карактер при што волонтерите, преку квиз и различни видеа, заедно дојдоа до заклучоци. Се радуваме на високоразвиената свест кај младите и на нивната желба да бидат што е можно повеќе информирани!

