Активности по повод „Недела на борба против ХИВ/СИДА“
Во континуитет продолжуваат да се одвиваат годишните активности на планот за борба против ХИВ/СИДА, со засилено темпо во месеците Ноември и Декември, акцентирајќи ја неделата од 01.12 до 07.12 како „Недела на борба против ХИВ/СИДА“. Активистите на О.О. Црвен крст Прилеп оваа недела ја збогатија со широк спектар на активности за борба против ХИВ/СИДА.
Активностите се движеа од превентивни предавања и интерактивни работилници, преку позитивно влијание на јавната свест за оваа проблематика, организирање забави од страна на Клубот на млади, дистрибуција на едукативни материјали, презервативи и медиумско презентирање, до советување и тестирање за ХИВ/СИДА во рамките на ДДСТ за млада популација. Забавите организирани од Клубот на млади при О.О. Црвен крст Прилеп се реализираа во три локални кафулиња, едната беше организирана самостојно од Клубот на млади а двете во содејство со други младински НВО-и од градот. Овие забави беа збогатени со дистрибуција на едукативни материјали и презервативи, видео клипови на тема стигма и дискриминација, демонстрирање на правилно местење на презервативи за што беа обезбедени симболични награди за најбрзите изведувачи. На планот на едукација реализирани се 13 едукации со 326 присутни млади лица од средните и основните училишта од општина Прилеп, носители на овие едукативни активности беа нашите ПИЕР едукатори кои ја реализираа и интерактивната работилница во О.О. Црвен крст Прилеп за своите активисти. Активностите беа медиумски поддржани од локалните информативни гласила за што непосредно се влијаеше на јавната свест кај општото население за оваа проблематика.