Активности за превенција од срцево-садови заболувања
Современото живеење и динамичната средина која не окружува не прави подложни на многу болести меѓу кои најчести и најсмртоносни се срцево-садови заболувања. И покрај сите совети и апели на докторите и бројните кампањи за подигнување на свеста за заштита од кардиоваскуларни болести забрзано расте бројот на ново заболени. Статистички податоци велат дека повеќе од 12.000 лица во нашата држава се заболени од овој тип на болести што претставува голема бројка и е голем индикатор за преземање на се почести превентивни активности на ова поле. Со оглед на ова општинската организација на Црвен крст Прилеп реализира низа на активности со цел превенција на населението преку едукации и практични совети како може да се превенираат овие заболувања.
Едукацијата за превенција од срцево-садови заболувања се одржа во домот на културата ,,Марко Цепенков’’ каде што наша целна група беа членките во здружението на жени ,,Преродба’’. На оваа едукација беа присутни повеќе од 60 учесници кои поставија најразлични прашања поттикнати од нивното секојдневно живеење и страв од овие заболувања. Како додадена вредност на оваа едукација се изврши и мерење на шеќер во крвта за што исто така имаше и огромна заинтересираност.
Едукација за превенција од срцево-садови заболувања се одржа и во основното училиште ,,Манчу Матак’’ во с. Кривогаштани каде што беше потенцирана важноста на превенцијата и одржувањето на физичката подготвеност и спортот кај секој ученик, како и правилната и здрава исхрана. Во оваа едукација беа опфатени 30 ученици од 5-8 одделение.