октомври 29, 2019

Бидете Комерцијална Банка АД Скопје!

Црвениот крст на Република Северна Македонија, по повод Ден на гладта, организира кампања под мотото „Помислете и на нас“. Со оваа кампања, Црвениот крст придонесува и се бори за намалување на сиромаштијата и се обидува да го изедначи степенот на добросостојба на сите граѓани во општеството. Во рамките на кампањата се организираат хуманитарни акции за обезбедување донации во вид на парични средства или храна. Кампањата добива поддршка од компании, образовно – воспитни институции, здруженија на граѓани и граѓани.

  

Црвен крст на Република Македонија – Општинска организација Центар, по тој повод, доби огромна поддршка од вработените во Комерцијална Банка АД Скопје преку обезбедување донации во вид на храна. Комерцијална Банка АД Скопје е долгогодишен соработник на Црвен крст на Република Македонија – Општинска организација Центар и вработените редовно се вклучуваат во активностите кои се спроведуваат од страна на Општинска организација Центар.

Оваа донација од вработените во Комерцијална Банка АД Скопје во вид на 30 пакети со храна се дистрибуираше на социјално загрозени лица кои живеат на територија на општина Центар, а дел од конзервираната храна беше дистрибуирана во Пунктот за бездомници на Црвен крст на Град Скопје.

Вклучувањето на компаниите во активностите на Црвениот крст и нивната поддршка е од огромно значење за добробитот на заедницата и на граѓаните на кои им е најмногу потребна помош. Бидете и Вие со развиена свест, бидете Комерцијална Банка АД Скопје!

< врати се назад