
декември 29, 2021
Членството во Црвениот крст, предизвик за нова успешна хумана приказна
Покрај бројните активности кои ги реализиравме во текот на 2021 година со учениците на ООУ *Димитар Миладинов*, сепак за истакнување е последната хумана приказна која ја напишавме заедно. Одличната соработка на Општинска организација Центар со Советот на родители, директорката и одговорниот наставник за Црвен крст во ова основно училиште, повторно резултираше со уредно собирање на годишна членарина од учениците кои изразија желба да членуваат во нашата организација.

Оваа година тие се одлучија со средствата од членарината да помогнат на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост на Црвен крст на град Скопје *Пролет* со купување на два статични точаци кои ќе помогнат во физичката рехабилитација на корисниците додека престојуваат во центарот, караоке звучник за организирање на забавни активности, материјали за организирање на креативни работилници и се разбира новогодишни пакетчиња.
На настанот кој се реализираше во Дневниот центар на 28.12.2021 година, покрај корисниците на центарот, присуствуваа и претставници на Советот на родители со група ученици од ООУ *Димитар Миладинов*. Задоволството беше големо!!! Насмевки и бескрајна радост на лицата на нашите пријателчиња од Дневниот центар и задоволство за новата успешна хумана приказна кај младите членови на Црвениот крст и сите што дадоа придонес истата да се реализира.
Од таму излеговме уште повеќе мотивирани за повторно некому да предизвикаме насмевки и радост.


