
март 2, 2021
Црвена боја за живот, бела за среќа – мартинка на рака за подобро утре.
Во пресрет на месец март, Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Центар, на ден 27.02.2021 во периодот од 11 до 16 часот, реализираше активности за продажба на мартинки – симбол за почеток на месец март.

Акциите беа спроведени во Веро Центар и Рамстор Мол, кадешто имаше голем број посетители, особено дечиња, кои едвај чекаат да почне месец март за да можат да стават мартинки на рачињата.

Во класичниот изглед, мартинката претставува засукан бел и црвен конец, најчестo волнен. Црвената боја означува крв и живот, а белата – чистота и среќа.
Мартинките се ставаат на рака на првиот ден од месец март и се носат до појавата на првото процветано дрво, на првиот виден штрк или до здогледување на првата ластовица.

На акциите беа запазени сите мерки согласно протоколите за заштита дадени од Владата на РСМ.
Средствата од продадените мартинки ќе се наменат за 26 годишна девојка од Скопје која, по преживеана несреќа, има потреба од операција на вилици и заби, за која потребно е да се собере сума од 5000 евра.

