Да дојдеме до нула
Општинската организација на Црвен крст Прилеп во соработка со Центарот за Јавно здравје ја организираше кампањата за денот на ХИВ/СИДА под мотото ,,Да дојдеме до нула” а тоа значи преку едукации и различни превентивни активности да дојдеме до нула инфицирани со ХИВ вирус. Кампањата се состоеше од различни активности и тоа едукации на оваа тема во средните училишта во градот, дистрибуција на презервативи и флаери со едукативна содржина поврзана со ХИВ/СИДА кои ги обезбеди Центарот за јавно здравје.
Исто така во текот на кампањата имаше и квиз со прашања поврзани со оваа област каде што учесниците покажаа релативно добри резултати, а за најдобрите имаше и пригодни подароци. Со цел поголема опфатеност на младите се реализираше дистрибуција на презервативи и флаери на тематска кафе дружба во клуб Калипсо.
Оваа кампања е во соработка со Центарот за јавно здравје каде што функционира и советувалиштето за ХИВ/СИДА кое што се наоѓа во центарот за јавно здравје и работи секој ден од 8 до 16 часот и е бесплатно и доверливо. Покрај ова општинската организација на Црвен крст Прилеп во соработка со НВО ХЕРА организира и теренско доверливо советување и тестирање за ХИВ и Хепатит. Во текот на кампањата се организираше и трибина во населбата Тризла на оваа тема. Целата кампања беше медиумски покриена од локалните ТВ: ТВ Лажани, ТВ Канал Визија, емисијата Urban life како и интернет порталот 10без10 и националната ТВ Сител. Центарот за јавно здравје Прилеп и Општинската организација на Црвен крст Прилеп во континуитет продолжуваат активно да работат на полето на ХИВ/СИДА и сексуално и репродуктивно здравје.