декември 17, 2013

Едукација за превенција од пандемска инфлуенца тип А H1N1

Со интензивирањето на студеното време и честата појава на грип, како и со информациите во медиумите за појава на грип тип А H1N1 општинската организација на Црвен крст Прилеп реализира едукации на оваа тема. Целта на овие едукации е да се изврши превенција на населението со што ќе се спречи оваа појава и ќе се намали бројот на инфицирани од овој тип на грип. Едукациите кои што ги организира Црвен крст Прилеп ги опфаќаат и руралните средини како потенцијални жаришта.

Таква едукација беше реализирана во училиштето во с.Дебреште при што беа опфатени сите 26 ученици од различна националност во 7 одделение во ова училиште. Беа презентирани превентивните мерки при што побудија голем интерес кај учениците со што се постигна интеракција и пренос на информации. Исто така на оваа едукација беа присутни и 5 наставници од ова училиште со цел вклучување и на наставничкиот колегиум во превентивните активности поврзани со заштита на учениците. Во иднина се планираат и други едукации на 8 одделение од ова училиште, но и во други училишта од општина Прилеп.

 

< врати се назад