Хуманитарна изложба
Ресоцијализацијата за корисниците на дрога е последниот терцијален стадиум (лечење, рехабилитација и ресоцијализација) во нивната инклузија во социјалните и општествените текови. Идентификуваните потреби на клиентите вклучени во Програмата “Намалување на штети од употреба на дроги” како што се системски организирано слободно време, здобивање со нови животни вештини и способности, јакнење на самодовербата и друго О.О. Црвен крст Прилеп ги процесуира преку организирање и реализирање на креативните работилници.
Донаторите (Германански Црвен крст а од пред една година и Канадски Црвен крст) ги препознаа потребите и ефектите од овие активности за целната група и ни овозможија безрезервна поддршка за што сме им бескрајно благодарни.Преку овие работилници покрај примарниот ефект за самите клиенти, секундарно се влијае и врз јавната свест кај населението за дестигматизација и прифаќање на оваа целна група во јавниот општествен живот. Во креативните работилници покрај тоа што се реализираа креативните потенцијали на стабилизираните корисници на дрога преку манипулацијата со најразлични материи (цртежи, глина, накит, честитки, украсни чаши) се работеше и на психолошка поддршка, самодовербата кај клиентите, разни психогени и психотерапевтски техники, филмски проекции и размена на лични искуства од нивниот живот и последиците од користењето на психоактивни супстанции. Креативните работилници ефектуираа со завршна продажна изложба од сработените експонати, која се реализира на 24.11.2010 година во фоајето на Домот на културата “Марко Цепенков”. Изложбата беше проследена од голем број на сограѓани кои ја дадоа својата несебична и безрезервна поддршка за проектните активности, а самата изложба беше проткаена со голем број пропратно активности ( проекции на филм од волонтери на Црвениот крст, кловнови, пантомимичари, обезбеден од Клубот на млади на О.О. Црвен крст Прилеп). Голема благодарност на сите учесници, волонтери кои дадоа свој допринос во успешното реализирање на изложбата, а самата изложба беше отворена од страна на претседателот на О.О. Црвен крст Прилеп. Собраните средства ќе бидат наменети за одржување на креативните работилници а дел и за социјално загрозени семејства. Медиумски беше поткрепена од повеќе електронски и печатени медиуми како на национално така и на локално ниво.