Кампања по повод „Меѓународниот ден на гладта“
Општинската организација на Црвен крст Прилеп активно пристапи кон кампањата за одбележување на 16-ти Октомври „Меѓународниот ден на гладта“ со многубројни активности. Овие активности беа спроведени преку најразлични опшествени групи. Се изврши промовирање на кампањата и собирање на средства од корпоративниот сектор во градот, продажба на бонови за општа популација, не можеме да го занемариме и одзивот на образовниот сектор кој акцијата веќе традиционално ја поддржува.
Оваа година од редот на училиштата се издвои средното општинско училиште ,,Орде Чопела” кое што производите од собирната акција ги донираше во општинската организација каде што се изврши понатамошна распределба на намирниците во социјално загрозени семејства од нашиот град при што беше опфатена и народната кујна во нашиот град која се грижи за бездомниците и лицата кои се неспособни за работа. Производите кои беа собрани од акцијата од ова училиште опфаќаа зимница, супи, овошје и зеленчук, тестенини, лиснати теста произведени во рамките на училишната компанија бидејќи станува збор за училиште кое има прехранбен смер. Покрај овие активности Клубот на млади реализираше и собирни акции со помош на поставување на штанд во центарот на градот каде што секој граѓанин имаше можност да даде свој доброволен прилог за поддршка на кампањата. Нивото на свеста кај граѓаните се зголемува од година во година така што граѓаните ја препознаваат оваа кампања и даваат позитивни оценки за нејзината реализација.