Креативноста обединува
Клубот на млади при Општинската организација на Црвен крст Прилеп во континуитет работи на креативни работилници со цел инклузија на различни ранливи целни групи. Креативните работилници се одличен начин за продуктивно трошење на времето на младите, развој на нивната креативност и покажување на иновативноста на динамичниот младински дух. Тие исто така претставуваат и алатка за привлекување на талентирани млади кај кои нашата цел е да ја всадиме хуманитарната мисија на нашата организација. Благодарение на овие работилници бројот на волонтери расте но растат и иницијативите и идеите за нови активности. Овие активности ја збогатуваат агендата и планот за работа на Општинската организација на Црвен крст Прилеп со цел помош на населението.
На креативните работилници кои се одржаа од 15-17 Јули беше изработуван накит и беа нацртани 10 слики од волонтери и младите така што овие изработки ќе бидат изложени на хуманитарна продажба која ќе се случува наредниот период. Паричните средства кои ќе бидат собрани од хуманитарната продажба ќе бидат наменети за хуманитарни цели т.е. за ранливите категории во нашиот град.
Волонтерите на Општинската организација на Црвен крст Прилеп продолжуваат со реализацијата на различни активности во летниот период но продолжуваат и со учество на најразлични семинари и кампови кои се наменети за јакнење на човечките капацитети на организацијата со цел успешно спроведување на годишниот план за работа.