септември 1, 2011

Медицински камп во Швајцарија

Во нашето општество се напишани многу романи со тажни и несреќни приказни, кои се испреплетени со многу случаи на Глад и Сиромаштија, кои се главни ликови во истите и кулминација на сите поглавја… ретко кој знае и сака да сознае за чувствата и животот на хендикепираните, за децата без родители, за сите оние кои остануваат најсилни во најтешките животни ситуации. Капка светлост и радост во животот на сите овие ликови внесува Oрганизацијата која сите свои активности ги прави со отворено срце, организација која е наше големо семејство, која не преферира и строго ги ампутира сите предрасуди и дискриминација на било која основа, затоа што сите ние сме ЕДНАКВИ.

Токму таа Oрганизација се нарекува ЦРВЕН КРСТ која сочинета од Непристрасност, Хуманост, Солидарност, Универзалност, Доброволност, Единство, Неутралност успева да им даде среќен тек на животот на многу луѓе кои се заборавени и маргинализирани од општеството. Токму ова од секогаш ме привлекувало кон Црвениот крст како организација, чувството дека сум му помогнал на некој, едноставно ме плени и ми овозможи да воспоставам трајна непрекидна врска со оваа организација. Сето тоа ми се случи мене и така Црвен крст стана моето второ семејство. Во Црвениот крст се приклучив кога имав 15 години, од тогаш па до сега се случија многу настани кои ме изградија како личност вклучувајќи учество на хуманитарни настани, правење на хуманитарни проекти, собирни акции … Секако врв на ваквите хуманитарни настани беше последниот настан кој засекогаш ќе ми остане во сеќавање, а тоа е медицинскиот камп кој беше организиран во соработка со Црвениот крст Швајцарија, на кој јас имав чест да придружувам и да помогнам во усреќувањето на 77 деца. Тоа беше животно искуство за мене кое благодарение на Црвениот крст на Република Македонија успеав да го стекнам. Целта на овој камп беше на секое дете да му се извршат медицински прегледи, а исто така Црвениот крст беше задложен за исполнувањето на денот со радост на овие деца на кои тагата можеше да им се прочита дури и во нивните очи … Мило ми е и што токму таму при дружењето со волонтерите од Швајцарскиот Црвен крст се почувствував дека сум дел од едно интернационално семејство бидејќи Црвениот крст е интернационална организација така што ако си црвенокрсташ тоа значи дека во секоја земја имаш дом и луѓе на кои може да сметаш. Многу ми значеше и патот во Женева и посетата на институциите како што се Меѓународната Федерација на Црвениот Крст и Интернациналниот Комитет на Црвениот крст кои се сон на секој волонтер на Црвениот крст. Со зборови не можат да се опишат погледите на прекрасните дечиња кои присуствуваа на кампот, погледот кога можат да ја почувствуваат љубовта која не им била дадена дури ни од најблиските .. Со зборови не може да се опише чувството кога дечињата со хенидкеп знаат дека се еднакви со другите дечиња .. сето тоа Црвениот крст им го овозможи на овие деца и мене ми е многу драго што бев дел од таа приказна . За крај можам само да ги поздравам сите сегашни волонтери на Црвениот крст на Република Македонија и да ги охрабрам идните да се придружат затоа што Црвениот крст дава уникатна шанса за одржување на човечките вредности, запознавање на нови пријателства и најважно од се- Пружање на помош онаму каде што е најпотребна! Се чувствувам горд што сум дел од ова големо интернационално семејство.

                                                                                                                                                                         Александар

 

< врати се назад