
декември 28, 2020
НАЈДОБАР КРВОДАРИТЕЛ НА ГРАД СКОПЈЕ ЗА 2020 ГОДИНА
Најдобриот крводарител во град Скопје за 2020 година, Звонко Васев, е истакнат крводарител кој ја потврдил својата хуманост со 89 дарувања крв, но и со организирање на голем број акции за дарување крв во општина Центар и градот. Веќе 35 години работи во Црвен Крст на РСМ – Општинска организација Центар. Токму за тоа Градот Скопје му го додели ова престижно признание.
Васев вели дека чувството дека со дарување крв некому сте му помогнале побрзо да закрепне после некоја хируршка интервенција или едноставно сте спасиле нечиј живот е прекрасно и Ви го топли вашето срце. Тој нагласува дека хуманоста е негов приоритет во животот и заради тоа се вработил во Црвениот крст, каде што со другите вработени се посветени на мисијата да им помогнат на луѓето кога имаат потреба од нечија помош.




