Научи прва помош-помогни!
Општинските натпревари по прва помош се од исклучително значење за секоја Општинска организација затоа што и покрај ширењето на знаењето и натпреварувачкиот дух кој го предизвикува овој натпревар, исто така претставува и промоција на Црвен крст помеѓу младите. Со овој натпревар се подига свеста кај младите за важноста на Првата помош во секојдневниот живот.
Општинската организација на Црвен крст Прилеп на 11 Мај го реализираше Општинскиот натпревар по прва помош на кој младите од средните и основните локални училишта зедоа масовно учество. На натпреварот учествуваа 17 екипи од кои 5 екипи беа од средните училишта во Општината, а 12 екипи беа од основните училишта. Првото место во категоријата на млади (средни училишта) припадна на гимназијата СОУ,,Мирче Ацев” додека првото место во категоријата подмладок (основни училишта) припадна на основното училиште ,,Климент Охридски”. На натпреварот му претходеа сериозни подготовки од страна на екипите при што Општинската организација на Црвен крст Прилеп како и секоја година им овозможи логистичка поддршка, располагање на простор и материјали за вежбање. После завршувањето на натпреварот на победничките екипи од двете категории им беа доделени пригодни подароци, а дипломи добиаа екипите за освоеното прво, второ и трето место. О.О. Црвен крст Прилеп во континуитет работи на промоција на првата помош помеѓу населението во општина Прилеп.