ноември 28, 2013

Ние сакаме, Вие знаете, заедно можеме

Во периодот од 18 до 24 Октомври под мотото „Ние сакаме, Вие знаете, заедно можеме“ Општинската организација на Црвен крст Прилеп ја одбележа „Неделата за грижа на стари лица“ со различни активности. Во склоп на оваа недела беше посетен домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ при што волонтерите на старите лица им подарија пригодни скромни подароци на кои старите лица им се израдуваа.

Во разговорите со нив тие ги поздравија овие активности така што се дојде до заеднички заклучок за интензивирање на активностите поврзани со оваа група на граѓани. Покрај посетата на старскиот дом, беа посетени и ограноците на Здружението на пензионери во месните заедници при што се реализира серија на едукации за дијабетес, а воедно се изврши и мерење на шеќер во крвта кај членовите на овие ограноци. Во салата на градската библиотека ,,Борка Талески” се одржа предавање на тема: ,,Да го направиме стресот наш сојузник” при што се обрна внимание на стресот како честа појава кај оваа популација. Ова предавање го изврши волонтер на Црвениот крст Прилеп, а истото беше и медиумски покриено од локалните медиуми. Дел од социјалните пакети со храна беа поделени на стари лица преку посета на нивните домови од страна на нашите волонтери кои се запознати со работата со стари лица при што се оствари директен контакт со нив и со тоа подобро се мапираа нивните потреби и проблеми.

 

< врати се назад