Одбележана „Неделата на борба против ракот-Редовна контрола подобро здравјe“
Малигните неоплазми со учество од 20-25% се наоѓаат на второ место по причините за смрт во развиените земји во светот. Според проценките за СЗО, во 2005 година околу 7.6 милиони луѓе умреле од малигни заболувања, а 84 милиони луѓе ќе умрат во периодот од 2005-2015 година доколку не се преземат мерки за намалување на морбидитетот и морталитетот од овие заболувања. Во Република Македонија во периодот од 1997 -2007 година бројот на новозаболени од малигни неоплазми покажува позитивна развојна тенденција.
Земајќи го ова во предвид а согласно со традиционалниот календар на активности на Црвен крст на Република Македонија, општинската организација на Црвен крст Прилеп по повод неделата на борба против ракот 1-8 Март изврши серија на едукации меѓу кои и во касарната ,,Мирче Ацев’’. Овие едукации беа реализирани со цел да се стави акцент на превенцијата на оваа болест т.е грижата за сопственото здравје и раното откривање на болеста со помош на самоконтролите и здравствените контроли. Во едукациите спроведени по повод оваа недела беа опфатени различни целни групи меѓу кои и млади до 18 години, општа популација како и војниците во касарната ,,Мирче Ацев’’ – Прилеп. Едукациите извршени на оваа тема беа поздравени и оценети како многу корисни од страна на учесниците кои изразија желба да бидат вклучени и во други едукации спроведени од Црвениот крст.