март 11, 2013

Одбележување на 8 Март

Клубот на млади при Општинската организација на Црвен крст Прилеп традиционално по повод Светскиот ден на жената изработува пригодни подароци за припадничките на понежниот пол од нашиот град. Паричните средства добиени од продажбата на овие инвентивни креации на нашите волонтери ќе бидат донирани согласно со потребите на идентификуваните ранливи категории граѓани од нашиот град. Сработени се честитки за 8-ми Март декорирани со цветови во различни бои збогатени со креации од волница.

При продажбата беа подарувани и мартинки за одбележување на месец Март но и срца изработени од глина како симбол на љубовта на човекот. Клубот на млади им подари ракотворби со срце на сите припаднички на понежниот пол во невладините организации-партнери на Општинската организација на Црвен крст Прилеп, исто така и на хенидкепираните лица како и на социјално загрозени лица. Овие рачни изработки беа наменети и за општата популација и беа истакнати на штанд во центарот на градот при што се изврши нивна продажба. Заинтересираноста на граѓаните беше голема и доби огромна поддршка од нив, но и охрабрување ваквите активности да продолжат понатаму со позачестено темпо. Ова претставува уште еден доказ дека креативните активности се она на што треба да се стави акцент во иднина и земајќи го ова во предвид Клубот на млади ќе продолжи да работи на развивање на креативните вештини на своите волонтери.

 

< врати се назад