август 15, 2013

Одбележување на Меѓународниот ден на младите

По повод Меѓународниот ден на млади 12 Август Клубот на млади при Општинската организација на Црвен крст Прилеп зеде активно учество на трибината организирана од Локална самоуправа на општина Прилеп со наслов ,,Младите и локалната заедница”. Целта на овој настан беше отворено да се дискутира за постојните и идните политики и стратегии за подобрување на животот на младите во заедницата а воедно и како младите луѓе можат да придонесат кон подобрување на квалитетот на живот во заедницата и развојот на Општината Прилеп. На настанот говореа Градоначалникот на Општина Прилеп, пратеници во Собранието на РМ од Општина Прилеп како и претставници на НВО секторот за млади во Општина Прилеп.

На оваа трибина присуствуваа 10 волонтери од Клубот на млади, при што претставник од клубот ги презентираше активностите на клубот на млади како и на младите на Црвен крст на Република Македонија. Исто така се посочија фокус прашања на темата ,,Миграции на млади”. На овој настан беше дистрибуирана стратегијата за млади на Црвен крст на Република Македонија за период 2011-2015 до Градоначалникот, пратениците и советниците во Советот на општина Прилеп. Овој настан претставува одличен начин за размена на искуства, склучување на нови соработки помеѓу невладините организации кои работат со млади. Трибината беше доста корисна за клубот на млади при Општинска организација на Црвен крст Прилеп затоа што се остварија нови контакти и се дојде до идеја за нови активности кои одговараат на потребите и проблемите со кои се соочува ранливото население во Прилеп, пред се ова се однесува на младите во општината како ранлива категорија. Одбележувањето на Меѓународниот ден на млади беше медиумски покриено од локалната телевизија, локалното радио и беше објавен на неколку национални интернет портали како и веб страната на општина Прилеп.

 

< врати се назад