
Онлајн средба на тема „Зошто волонтирам?“
Овие денови, кога сите се затворени дома и обврските надвор од домот се сведени на минимум, дружбата е намалена и сретнувањата со пријателите се одложени на неодредено време, создава потреба да најдеме начин како да си ги одржуваме контактите со оние кои претходно ни биле дел од секојдневието. Од таа причина, членовите на Координативното тело на Клубот на млади при Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Центар, иницираа една интересна активност која ќе се случува еднаш седмично. Станува збор за активност којашто преку онлајн вклучување ќе ги “размрда“ волонтерите и ќе им го пополни слободното време кое сега го имаат на претек.
На ден 14.04.2020 година се одржа првата онлајн средба на којашто учествуваа волонтери кои се долго време во нашата организација од кои дел од нив се членови на Координативното тело, како и новите волонтери, кои, за жал, поради настанатата ситуација немаа прилика да се вклучат во голем број на активности досега. На средбата се дискутираше на темата „ЗОШТО ВОЛОНТИРАМ?“. Беше одбрана токму оваа тема од причина што сега контактот со реалноста малку недостасува, недостасуваат секојдневните навики, секојдневните активности, па така и волонтирањето.
За време на средбата, волонтерите кои се долго време дел од организацијата ги кажуваа своите први сеќавања, своите први активности, први искуства, интересни случки за време на волонтирањето, многуте пријателства кои ги стекнале во Црвениот крст и сите незаборавни моменти кои ги поминале. Новите волонтери, пак, се изјаснија што очекуваат и во што би сакале да се вклучат понатаму, откако ќе се смири целата ситуација. Откако сите си ги споделија мислењата и искуствата, дојде на ред прашањето “Кое ти беше најубавото чувство предизвикано за време на волонтирањето кое никогаш нема да го заборавиш?“, на коешто сите едногласно одговорија, и стари и нови волонтери, дека првото ставање на амблемот на себе, првиот елек којшто го облекле и отишле на акција ќе остане засекогаш врежан во нивните сеќавања. Чувството дека придонесуваат, дека се дел од нешто, дека се тим, дека припаѓаат, кај секого буди една емоција која не се опишува. Ние сме група, ние сме тим, ние сме заедно и заедно сме посилни. Заедно ќе издржиме и ќе си даваме поддршка во овие моменти, за да можеме понатаму да создаваме уште многу убави заеднички моменти.