
Освежителна обука за заштита на најмалите
Во склоп на кампањата освежување на знаењата на возачите за прва помош под мотото „Твоето незнаење чини живот“, Општинската организација Центар продолжува со обуките. Овојпат обуката се спроведе во Основното училиште „Димитар Миладинов“. Слушатели на обуката беа наставниците од училиштето кои активно слушаа и се вклучуваа во предавањето. Многумина од нив споделија лични искуства и ситуации со кои се соочиле. Ентузијазмот да научат што повеќе беше навистина забележлив.
Поради фактот што тие се наставници, заинтересираноста за укажување прва помош и во ситуации кои се веројатни да се случат во училиштето и за време на часовите беше огромна. Укажаа на важноста на овие освежителни обуки и апелираа да се спроведат во сите училишта. Поради бројноста на наставниците во училиштето, во текот на следната недела ќе се спроведе уште една освежителна обука со цел целиот училиштен колектив да го освежи своето знаење во однос на првата помош.