
мај 11, 2020
Петочна онлајн средба со Клубот на млади на тема „Дискриминација и предрасуди“
Денешниот ден, 8-ми мај – Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, во Клубот на млади при Општинска организација Центар се одбележа преку онлајн средба.
Тема на дискусија на средбата беше “Дискриминација и предрасуди“. Тема што е секогаш интересна за дискусија, секогаш актуелна, но и, за жал, застапена во општеството и секојдневниот живот.
Двочасовната средба им овозможи на волонтерите да слушнат некои интересни факти поврзани со дискриминацијата и предрасудите, да споделат ситуации во кои се нашле самите или нивните блиски и во кои се осетиле дискриминирани или биле сведоци на дискриминација и како се соочиле во истите. Имаа можност да дадат свое гледиште за тоа што се предрасуди, што е дискриминација, каде ги препознаваме во нашето општество и пошироко и најважно – како да влијаеме и да бидеме промената којашто сакаме да ја видиме во светот. Младите ентузијастични волонтери во долгата дискусија разменуваа различни мислења и ставови за борба против дискриминацијата.
Со ваква младина полна идеи, ентузијазам, желба и посветеност, можеме да кажеме дека иднината ни е во сигурни раце. Горди сме на нашите волонтери! Оваа вечерна средба ни беше едно убаво заокружување на овој за нас важен ден.
Уште еднаш нека ни е честит 8-ми Мај – Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина!
Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Центар ви посакува пријатна вечер, убав викенд и останете во добро здравје!
