септември 27, 2013

ПХВ шоу – Промоција на различности

Во рамките на Националната програма на Црвен крст на Р. Македонија, Црвен крст во акција-промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ), која веќе 16 години се спроведува во Македонија, младите учат за културата како систем на вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно општество, а при тоа се поттикнати да бидат активни и да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата. Секоја година покрај обуката на дисеминација 1200 младинци од цела Македонија на возраст од 14 до 18 години добиваат и обука како да изработуваат мали проекти за добробит на своите заедници. Оваа година, од страна на младинците учесници во ПХВ циклусот 2012-2013, изработени се рекордни 202 мали проекти.

Од минатата година во рамките на програмата Црвен крст во Акција-Промоција на хумани вредности се одбележува и недела на промоција на хумани вредности, и тоа со одлука на ИО на Црвен крст на Република Македонија, од 21 до 27 септември. Минатата година во рамките на одбележувањето на оваа недела се реализираа претстави на тема “Погодете кој доаѓа на вечера”. Вкупно 658 младинци беа вклучени во реализација на истите додека 9624 гледачи ги проследиле претставите преку кои се пренесе порака за унапредување на социјалната вклученост и култура на ненасилство и мир. Оваа година повторно сите заедно ја одбележуваме ПХВ неделата, но на малку поинаков начин. Секој во својот град, но под иста тема “Промоција на различности” се подготвува “ПХВ шоу”. Преку овие шоуа се претставуваат различностите на секој град и тоа најмногу изразени преку јазикот, културата и танцот. Младите од целата држава преку своите клубови на млади при Црвен крст (вкупно 35 клуба) изведуваат ПХВ шоу пред нивните родители, соученици, професори, пред цела заедница. Откако сите овие шоуа ќе се одржат на ниво на целата држава, ќе биде избрана само една целна група која ќе ги прими собраните средства од продажбата на сите карти. Преку овој чин, ние младите на Црвениот крст на Р. Македонија, поддржани од вас, ќе покажеме колку сме силни и моќни кога дејствуваме заедно. Шоуто во Прилеп, Општинската организација на Црвен крст Прилеп го организираше на 24.09.2013 година (Вторник) со почеток во 20 часот, во салата на домот на културата ,,Марко Цепенков”. Шоуто беше посетено од 600 гледачи- публика од различни националности така што целта за промоција на различности беше максимално исполнета. Преку ова шоу се обидовме да потврдиме дека почитта за разновидноста на културите и толеранцијата, дијалогот и соработката, взаемната доверба и разбирањето се најдобрите гаранции за мир и соживот, а ние како претставници на Црвениот крст имаме одговорност да дејствуваме. ЦКА ПХВ програмата е финансирана од страна на Цир-а (Центар за Институционален развој) во рамките на Програмата CIVICA Mobilitas, финансирана од Швајцарска агенција за развој и соработка, застапувана од Канцеларијата за соработка во Скопје (SDC).

 

< врати се назад