Подари љубов, биди хуман
Клубот на млади при општинската организација на Црвен крст Прилеп како поддршка на учесниците во ПХВ програмата за овој период реализираа неколку собирни акции кои што овозможија помош на повеќе семејства кои се наоѓаат во социјален ризик. Една од тие акции се реализираше на 14.02.2014 година по повод денот на љубовта. Оваа акција се состоеше од изработка на љубовни пораки и шеќерчиња кои беа продавани по симболична цена. Кон оваа активност се приклучи и средното општинско училиште „Орде Чопела“ поточно учениците од смерот на хортикултура, при што истите изработија украсни срца кои беа аранжирани од нивна страна.
Продажбата на овие креативни изработки беше организирана во центарот на градот со продажба на штанд но исто така и преку продажба со помош на мобилни тимови на волонтери кои ги посетија сите кафулиња во центарот. Мобилните тимови беа излезени на терен двократно и тоа преку ден и вечерта, што резултираше со успешен завршеток на оваа акција. Како и секоја година оваа активност наиде на позитивни реакции кај населението бидејќи целиот акцент на овој настан е хуманитарен и има цел да ја покаже љубовта кон човекот. Целиот настан беше медиумски покриен од страна на локалната ТВ Канал Визија, така што поголемиот дел од населението се запозна со оваа активност. Охрабрувачки е што и другите младински организации и програми ги забележуваат овие позитивни пример и организираат вакви слични настани со што се подига свеста кај младите за пружање на помош на оние на кои им е најпотребно.