Подари топлина, подари хуманост
Во согласност со временските услови, следејќи ги предизвиците и последиците кои може да ги донесе студеното време Клубот на млади при Општинската организација на Црвен крст Прилеп реализираше акција за едукација и помош на населението кое е најмногу погодено од временските неповолни услови.
Во оваа активност беа опфатени дистрибуција на едукативно-превентивен пропаганден материјал, како и топол напиток и храна на бездомниците и децата на улица. Во реализацијата на овие активности учествуваа 14 волонтери кои припремаа храна и топол напиток и делеа флаери со превентивна содржина во централното градско подрачје. Делењето на храната и чајот се одвиваше преку мобилни тимови на места на кои што се наоѓаат бездомници и деца на улица. Во централното градско подрачје беа опфатени 200 граѓани меѓу кои и стари лица и ученици од училиштата во градот. Исто така беа опфатени 20 лица- бездомници и деца на улица. Целта на оваа активност е континуирана едукација на населението за заштита од студеното време како и помош на оние кои се во ризик. Како производ од оваа активност е испланирано да произлезе и кратко видео кое ќе биде прикачено на повеќе интернет портали како и на фан страната на Клубот на млади. Со ова ќе се стави акцент на делувањето на Црвениот крст во овој период и ќе се превенираат несакани последици врз здравјето на граѓаните предизвикани од студеното време.