
„Повторувањето е мајка на знаењето“
Општинската организација Центар во склоп на кампањата на Црвен крст на Република Северна Македонија под мотото „Твоето незнаење чини живот“ успешно спроведе уште две обуки за освежување на знаењата за прва помош на возачите.
Во текот на двете обуки, учесниците покажаа особен интерес и желба да се обидат практично да научат како да дадат прва помош. Најголемиот дел од нив се пријавија на обуките поради лошо лично искуство во сообраќајна незгода, незнаење или желба да помогнат доколку се најдат во таква ситуација. Поставуваа прашања поврзани со темата и споделуваа лични искуства и ситуации со коишто се соочиле во текот на животот.
Со оглед на тоа дека во обуките учесници беа и членовите на мото клубот “Потфат“, обуката имаше осврт кон тоа како да се соочат и реагираат и во незгоди кои би можеле да ги затекнат возачите на мотори. Владо, претставник на мото клубот “Потфат“ ги повика сите возачи да ги посетат овие обуки и да си ги освежат знаењата.
Во втората група, учесник беше Зорица Црношија Мацановска која задоволна и среќна од поминатата обука, упати апел до сите возачи да се информираат и пријават на обуките кои ги спроведува Црвениот крст бидејќи, како што се вели, “Повторувањето е мајка на знаењето!“.