Признанија за најуспешните
Во рамиките на одбележувањето 65 годишнината од формирањето на Црвениот крст на Република Македонија, а по повод 17-ти Март, Ден на Црвениот крст на Република Македонија и Ден на доброволното дарување на крв, на 15.03.2010 година во салата “Бели Мугри” во Велес, беше одржана свеченост на која беа доделени признанија на заслужни поединци и организации за унапредување и развој на крводарителството и поддршка на активностите што ги спроведува Општинската организација на Црвен крст – Велес.
Покрај членовите на Собранието присуствуваа голем број доброволни дарители на крв, активисти на Црвениот крст, претставници на јавни и други организации и институции и гости. Присутните ги поздравија претседателот на Организацијата д-р Милчо Трајков и претседателот на Советот на општина Велес Солавчо Чадиев.
Плакета, во знак на признание за 100 пати дарувано крв доби Виктор Јорданов, а за 75 пати добија: Никола Цековски, Масер Ракипов, Златко Николовски, Крсте Стојчевски и Јован Андреев.
Признанија за 50 дарувања добија: Благој Мишевски, Симон Ѓорев, Даниел Митев, Златан Ристов, Виктор Толевски, Енвер Асанов и Ристо Стефановски.
За најуспешна основна организација на Црвениот крст на полето на крводарителството за 2009 година во работните средини беше прогласена основната организацијата на Црвен крст од Министерството за внатрешни работи, Сектор за внатрешни работи од Велес, според местото на живеење основната организација на Црвен крст од Населба Градско, а од училиштата, основната организација од Гимназијата “Кочо Рацин”.
За најдобар активист и мотиватор со посебен придонес за развојот на крводарителството е избран Себајдин Шаќиров, претседател на основната организација на Црвен крст од АД “Димко Митрев”.
На истата свеченост, а по повод 10 годишнината од излегувањето на првиот број на “Хуманист”, гласило на Општинската организација на Црвениот крст, на Уредникот Никифор Смилевски му беше доделена благодарница.
Свеченоста беше збогатена со културно-уметничка програма: Драмската секција при Гимназија “Кочо Рацин” и балетското студио “Анабела” од Велес.