септември 14, 2023

Проект „Зелена инклузивност“

Имајќи го предвид глобалниот моментум и глобалната посветеност кон реализирање на Целите за одржлив развој (SDGs) и справување со последиците од климатските промени, евидентна е потреба за транзиција кон зелена економија. Во овој конекст, средното стручно и работно оспособување и образование на ученици со посебни образовни потреби треба да игра важна улога и на учениците да им овозможи стекнување на знаења и квалификации потребни за вработување на пазарот на труд во зелена економија.
 
Сепак, знаењето и квалификацијата се само еден аспект од стручното образование. Подеднакво важно е и стекнувањето на широк опсег на комуникациски и зелени вештини, како и вештини за работа во тим, кои ги надминуваат специфичните задачи на конкретна квалификација и овозможуваат зголемување на вработливоста.
 
Имено, работник кој поседува знаења, вештини и компетенции на зелени занимања е повеќе употреблив и полесно вработлив од работник кој не ги поседува овие атрибути.
 
Во оваа смисла, реализирањето на обуки за деловна комуникација, тимска работа и зелени вештини ќе им помогне на учениците со посебни образовни потреби да стекнат специјализирани вештини со цел нивно учество во активности поврзани со транзиција кон зелена економија и ќе овозможат зголемување на можностите за влез на пазарот на трудот.
 
За таа цел, Општинска организација Центар, со поддршка од Фондот за развој и проекти на Црвен крст на Република Северна Македонија, отпочнува со реализација на проект „Зелена инклузивност“ кој има за главна цел да ја зголеми вработливоста на лицата со попреченост преку совладување на сет од вештини, а целна група на проектот се токму учениците од Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ од Скопје.
 
Во просториите на ДСУ „Св. Наум Охридски“ на ден 14.09.2023 година во периодот од 09:45 до 11:30 часот се одржа првиот координативен состанок за отпочнување на проектот.
 
На состанокот присуствуваа Директорот на училиштето ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“, училишниот психолог, експертите – професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои ќе бидат ангажирани во проектот и проектниот координатор.
 
За време на состанокот се дискутираше за активностите во рамки на проектот, временската рамка, како и одговорностите и задачите на сите вклучени во проектот.
 
По состанокот, експертскиот тим, заедно со проектниот координатор и училишниот психолог, ги посети учениците за време на нивната настава во кулинарска, графичка и текстилна струка, разговараа со одговорните наставници и споделија информации во врска со активностите кои ќе бидат реализирани во рамки на проектот.
 
Проектот ќе се реализира во период септември – декември 2023 година.
 
 
 
< врати се назад