септември 19, 2013

Прва помош и безбедноста на патиштата

Општинската организација на Црвен крст Прилеп постојано ги следи потребите и проблемите со кои се соочуваат граѓаните во општина Прилеп и врши постојано надоградување на капацитетите со цел одговор на овие потреби. Во последниот период се актуелизираше потребата од едукација и спроведување на активности кои вклучуваат прва помош. Црвен крст Прилеп идентификуваше потреба од формирање на единица за прва помош бидејќи тоа се јави како суштинска потреба за одговор на барањата на многу невладини организации, спортски друштва кои организираат настани кои бараат присуство на лица кои што би давале прва помош доколку има потреба од тоа. 

За да биде во можност да одговори на овие барања Општинската организација на Црвен крст Прилеп оформи единица за прва помош. Единицата за прва помош е составена од 12 членови-долгогодишни волонтери во Црвен крст Прилеп. Сите членови на единицата поминаа низ најразлични обуки во тек на еден месец кои опфаќаа: прва помош, прва психолошка поддршка и помош, ориентација во планина, кондициони тренинзи, комуникациски вештини и вештини на преговарање, справување со стрес во кризни ситуации, кризен менаџмент. После оваа серија од обуки, единицата за прва помош при О.О на Црвен крст Прилеп е оспособена за работа на терен. По повод 14 Септември- Светскиот ден на првата помош оваа единица симулираше давање на прва помош при сообраќајна несреќа, со што се изврши промоција на првата помош, но исто така граѓаните можеа да се информираат повеќе за првата помош. Оваа симулација беше изведена во центарот на градот со цел настанот да го проследат поголем број на граѓани. Општинската организација на Црвен крст Прилеп во континуитет го зголемува своите активности на различни области кои што ги покриваат потребите на различните опшествени и ранливи категории на население, со што укажува на својата сериозност и посветеност како организација која работи на исполнувањето на својата визија и мисија.

 

< врати се назад