
Првата помош – предизвик и во услови на пандемија
Првата помош спасува живот! Во услови на пандемија на Ковид-19, кога не постои можност за физичко присуство, Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Центар најде начин да ја промовира првата помош.

Кога ќе се спомене Прва помош, прва помисла кај младите се натпреварите по прва помош кои тие со нетрпение ги очекуваат секоја година. Првата помош отсекогаш била огромен предизвик за сите, особено за нив. Натпреварите навистина недостасуваат овој период, сите подготовки, вежби, дружби, времето поминато заедно…
Оваа година, согласно сите мерки од страна на Владата на РСМ, Општинска организација Центар одлучи да реализира Online Квиз по Прва помош, каде повторно ќе се обединат сите основни и средни училишта и Клубот на млади. По предавањата по прва помош кои се реализираа на 20-ти и 21-ви мај, Квизот се спроведе на 01.06.2021 во 14 часот. Сите 11 екипи со по 6 учесници се вклучија во екипно одговарање на прашањата од квизот.



Откако ги одговорија прашањата, следеше за нив највозбудливиот момент – која екипа освоила најмногу поени? Критериум за рангирање не беше само точно одговорено прашање, туку и брзината на одговарање на прашањето, затоа што токму тоа е во основата на првата помош – брзата реакција.



Екипите беа задоволни од својот успех и со нетрпение очекуваат да се создаде можност за вклучување во активности за практично прикажување на сѐ она кое го научија за време на оваа активност.
ЧЕСТИТКИ ДО СИТЕ УЧЕСНИЦИ!











































