Работилница „Подобрување на интерперсоналната соработка помеѓу релевантните институции во општините Прилеп, Битола, Кавадарци и Гевгелија вклучени во процесот на менаџирање на пациентите со ХЦВ“
Општинската организација на Црвен крст Прилеп беше главен организатор на интерактивната, регионална работилница одржана на 25.05.2011 година во просториите на Градската Библиотека при Домот на културата „Марко Цепенков“, на тема „Подобрување на интерперсоналната соработка помеѓу релевантните институции во општините Прилеп, Битола, Кавадарци и Гевгелија вклучени во процесот на менаџирање на пациентите со ХЦВ“, финансирана од ROCHE.
Носител на оваа активност беше тимот на ХР- Намалување на штети од употреба на дроги при О.О. Црвен крст Прилеп. Учесници беа психијатри, инфектолози, вработени од супституционите центри и центрите за намалување на штети од употреба на дрога, лица кои употребуваат дрога и заинтересирани граѓани за оваа проблематика од општините Прилеп, Битола, Кавадарци и Гевгелија. Предавачи и аниматори беа еминентни стручњаци од оваа проблематика и тоа: „Современи можности во третманот на ХЦВ кај лица кои инјектираат дроги“ – Проф.Д-р Викторија Чаловска-Иванова од Универзитетска Клиника за Гастроентерохепатологија, и „Предизвици со кои се соочуваат лицата кои инјектираат дроги при третманот за ХЦВ “-Примариус Д-р Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ од П.З.У. Центар за семејно здравје Хелиомедика 2- Скопје. Исто така ХР тимот при О.О. Црвен крст Прилеп ја презентираше својата работа во рамките на ДДСТ, превенција и менаџирање на ХЦВ позитивните лица при општина Прилеп. Работилницата предизвика голем интерес и активно учество кај учесниците со можност за подобрување на интердисцплинарната соработка, се во интерес да се подобри мултиплицираната конекција меѓу институциите инволвирани во оваа проблематика, а за подобар проод во рамките на институциите на болните од Хепатитис Ц. Активноста беше медиумски покриена од локалните медиуми предизвикувајќи внимание кај локалната јавност, антиципирајќи ја можноста за промена на јавната свест за оваа проблематика. На крајот при неврзаниот разговор за време на коктелот се зајакна меѓусебната интерперсонална и институционална соработка кај присутните учесници со можност за понатамошно обработување на слични теми, значајни за целната група – лица кои употребуваат дроги .