Работилница со Т.З. Покров
Рехабилитацијата и ресоцијализацијата на маргинализираните групи, како што е групата на лица зависни од дрога е неопходност во процесот на личниот развој и социјалната инклузија. Овој податок ни даде за право да организираме информативна средба на нашата целна група (лица зависни од дрога во рамките на проектот „Намалување на штети од употреба на дрога“) и вработени во Т. З. „Покров“. На овој настан присуствуваа стабилизирани лица, кои се на супституциона терапија и се дел од ХР програмата во О.О на Црвен Крст Прилеп.
Присутните покажаа завиден интерес за понудената тема, збогатувајќи ја со личните искуства и индивидуалните прашања, насочени кон предавачите. Присуство и интерес покажа и родител на еден наш клиент, барајќи спас за своето дете. Општинската организација на Црвен крст Прилеп од досегашното искуство зависноста ја дефинира како пореметување на личноста и семејна дисфункционалност, па затоа ваквите средби се можност за ориентирање на лицата зависни од дрога и нивните семејства до каде се со третирањето на зависноста и што да превземат во понатамошниот тек, се со цел промена на негативниот идентитет и стил на живеење на личноста. Во Прилеп се уште оваа тема е на примарно ниво, па за лекување, рехабилитација, ресоцијализација и интеграција во општеството минимални се шансите на лицата и семејствата кои се нашле во вртлогот на оваа болест, затоа ОО на ЦК Прилеп се обидува да изнајде модели на мотивирање и реинтегрирање на маргинализираните групи, доближувајќи до нив што повеќе можните солуции за нивниот проблем и охрабрување дека за се постои решение.