мај 9, 2010

Рекордни крводарителски акции

Општинската организација на Црвен Крст Велес во соработка со Републичкиот завод за трансфузиологија ги организираше традиционалните, пролетни акции за дарување на крв во средните училишта. Во подготовките на овие акции,  д-р Љиља Поцкова и Д-р Славе Јорданов одржаа информативно едукативни предавања  од областа на  крводарителството со што на учениците – потенцијални дарители им беше овозможено да ги разбијат своите стравувања и дилеми во врска со дарувањето крв.

Првите две крводарителски акции беа изведени на 10 и 11 Март 2010 година во Средното стручно училиште “Коле Неделковски” на кои 152  младинци за прв пат се вклучија во големото хумано семејство. На 30–ти март се изведе крводарителската акција во средното Економско училиште “Јовче Тесличков” во која  за прв пат даруваа крв 62 ученици, на 13-ти  април беше изведена акција за дарување на крв во Гимназија “Кочо Рацин” на која се собраа 100 крвни единици, и на 15-ти април во Хемиското училиште “Димитрија Чуповски” се изведе петата крводарителска акција предвидена со оперативната програма за 2010 година на која 103 ученици даруваа крв.
Според бројот на собраните крвни едници од крводарителските акции организирани во средните училишта тековната 2010 е рекордна година.
< врати се назад