
Светска недела на имунизација 2021 година – вакцините нѐ зближуваат
Светската недела на имунизација се одбележува секоја година во последната недела од април – има за цел да промовира употреба на вакцини за заштита на луѓето од болести на сите возрасти. Имунизацијата спасува милиони животи секоја година и е широко признаена како една од најуспешните здравствени интервенции во светот. Сепак, денес сè уште има речиси 20 милиони деца во светот кои не примаат потребни вакцини, а многу ги пропуштаат виталните вакцини за време на адолесценцијата, зрелоста и во староста.
Користејќи ја темата „Вакцините нè зближуваат“, Светската недела на имунизација 2021 промовира поголем ангажман околу имунизацијата на глобално ниво, за да се истакне значењето на вакцинацијата во зближување на луѓето и подобрување на здравјето и благосостојбата на сите, насекаде во текот на животот.
Како дел од кампањата за 2021 година, СЗО, партнери и поединци низ целиот свет ќе се обединат да:
- ја зголемат довербата и во вакцините за да се одржи или зголеми прифатеноста на вакцините
- се зголеми инвестирањето во вакцини, вклучително и рутинската имунизација, за да се надминат пречките во однос на пристапноста до вакцините
Додека светот се фокусира на суштински важните нови вакцини за заштита од КОВИД-19, останува потребата да се обезбеди да не се пропушти рутинската вакцинација. Многу деца не се вакцинирани за време на глобалната пандемија, што ги доведува во ризик од сериозни болести како сипаниците и детската парализа. Дезинформациите кои брзо се споделуваат на темата вакцинација значително придонесуваат кон оваа закана.
Вакцините се важна нова алатка во битката против КОВИД-19. Работејќи колку што можат побрзо, научниците од целиот свет соработуваат и иновираат за да ни обезбедат тестови, третмани и вакцини кои колективно ќе значат спасени животи и ќе ја прекинат оваа пандемија. Безбедните и ефективни вакцини ќе значат многу да се подобри ситуацијата: но во догледна иднина мора да продолжиме да носиме маски, физички да се дистанцираме и да избегнуваме гужви.
Заедно, можеме да ставиме крај на пандемијата КОВИД-19 и да обезбедиме поздрав свет за сите.
Вакцините нѐ зближија и повторно ќе нè зближат
Повеќе од 200 години, вакцините нè штитат од болести што ги загрозуваат животите и го попречуваат нашиот развој. Со нивна помош, можеме да напредуваме без товарот кој го носат болестите како што се сипаниците и детската парализа, кои го чинеа човештвото стотици милиони животи.
Иако вакцините не се сребрен куршум, тие ќе ни помогнат да напредуваме по патот кон свет каде што повторно ќе можеме да бидеме заедно.
Самите вакцини продолжуваат да напредуваат, носејќи не кон свет без од туберкулоза и рак на грлото на матката и ставајќи крај на страдањето од детски болести како сипаниците.
Имунизацијата е глобална здравствена и развојна успешна приказна, која спасува милиони животи секоја година. Вакцините ги намалуваат ризиците од добивање на болест и придонесуваат за природната одбрана на вашето тело за создавање заштита. Кога ќе се вакцинирате, вашиот имунолошки систем реагира.
Сега имаме вакцини за спречување на повеќе од 20 болести опасни по живот, кои им помагаат на луѓето на сите возрасти да живеат подолго, и да имаат поздрав живот. Имунизацијата во моментов спречува 2-3 милиони смртни случаи секоја година од болести како дифтерија, тетанус, пертусис, грип и сипаници.
Имунизацијата е клучна компонента во примарната здравствена заштита и претставува неоспорно човеково право. Таа е исто така една од најдобрите здравствени инвестиции што можат да се купат со пари. Вакцините се исто така клучни за спречување и контрола на епидемии на заразни болести. Тие се поткрепа на глобалната здравствена безбедност и се суштинска алатка во битката против антимикробната резистенција.
Сепак, и покрај огромниот напредок, многу луѓе ширум светот – вклучително и скоро 20 милиони доенчиња секоја година – немаат доволно пристап до вакцините. Во некои земји, напредокот е закочен или дури е уназаден, и постои реален ризик дека самозадоволството може да ги поткопа изминатите достигнувања.
Покриеност со глобална вакцинација – процентот на деца во светот кои ги примаат препорачани вакцини – остана ист во последните неколку години.
Итната потреба од вакцина против КОВИД-19 ја потенцира клучната улога на имунизацијата во заштитата на животот и економијата. Додека научниците во светот работат на развивање вакцина против новиот корона вирус, а капацитетите на системите за здравствена заштита се напрегнати до максимум во одговор на КОВИД-19, националните програми за рутинска имунизација се посуштински од кога било досега. Владите низ целиот регион мора да ја искористат секоја потенцијална можност да ги заштитат луѓето од многуте болести за кои веќе постојат вакцини.
Кога ќе се пропуштат рутинските вакцини, се зголемува ризикот од појава на болести. Во 2018 година, околу 527 000 деца ја пропуштија првата доза од вакцината против мали сипаници во европскиот регион на СЗО. Една година подоцна во 2019 година, вирусот на мали сипаници ги покажа имунолошките пропусти во Европа, заразувајќи над 100 000 лица од сите возрасни групи. Заштитата на децата, адолесцентите и возрасните од болести што може да се спречат со помош на вакцина е задолжителна за одржливоста на здравствените системи.
Земјите треба да бидат подготвени да ги вакцинираат оние со поголем ризик и да обезбедат сите, вклучително и најмаргинализираните, да имаат еднаков пристап до вакцината против КОВИД-19, кога таа ќе стане достапна.
Вакцинацијата – една од најуспешните превентивни мерки
Со воведувањето на вакцинацијата како мерка за заштита на населението од заразни болести постигнати се најдобрите резултати во историјата на медицината. Бројни заразни болести се искоренети во светски рамки, голем број од нив се елиминирани, а голем број на заразни болести се ставени под контрола, при што само во одредени реони во светот се регистрираат поединечни случаи.
- Во 1885 година Луј Пастер ја открива вакцината против беснило
- Во 1900 година откриена е вакцина против дифтерија и тетанус
- Во 1927 година откриена е вакцината против туберкулоза
- Во 1955 година откриена е вакцината против парализа
- Во 1960 година откериена е вакцината против морбили и заушки
Вакцинацијата штити од болест, инвалидност и смртност. Таа е една од најисплатливите јавно здравствени мерки. Целта на вакцинацијата е да ја заштити единката и заедницата од заболувања кои можат да се спречат со вакцини.
Во светски рамки околу 10 милиони деца под 5 години годишно умираат. Една четвртина од нив се деца кои умираат од болести кои може да се превенираат со вакцина, а 1,4 милиони деца се под 5 годишна возраст. Токму затоа една од милениумските цели е намалување на смртноста на децата под 5 годишна возраст за две третини до 2020 година
Во Република Северна Македонија, со активна имунизација се започнува кон средината на минатиот век и со текот на времето бројот на болестите кои се превенираат со вакцинација се повеќе се зголемува.
Првата вакцинација во Република Северна Македонија е воведена во 1948 година со воведување на вакцинација против туберкулоза. Оттогаш наваму се воведени вакцини против многу заразни заболувања. Република Северна Македонија ги прати препораките на Светската здравствена организација и во последните години воведе нови вакцини и тоа, вакцина против Хепатитис Б во 2004 година, вакцина против Хемофилус инфлуенца тип Б во 2008 година, како и вакцина против Хуман Папилома Вируси во 2009 година Опфатот со вакцинација перманентно се подобрува, со што нашата држава се вбројува меѓу државите кои имаат висок опфат со имунизација.
Програма за имунизација. Вакцинацијата е бесплатна за сите лица од 0-18 години без разлика на здравственото осигурување.
Бенефити од вакцинацијата
- Создава отпорност на организмот кон заболувањата
- Го спречува ризикот од заболување
- Ја спречува смртноста од заболувањето
- Спречува инвалидитет и други последици
- Допринесува до колективен имунитет
- Спречува појава на епидемии од заразни болести
- Ги намалува трошоците за лекување
- Ги намалува трошоците за боледување
- Поголема ефективност на родителите на работни места
- Обезбедува здраво поколение
Досегашни достигнувања
Република Северна Македонија со години наназад има успешен систем за имунизација во државата спроведуван од страна на службите за имунизација во Здравствените домови во државата.
Со години наназад е забележан висок опфат за имунизација со сите вакцини.. Со успешната имунизација во Република Македонија се постигнати многу позитивни резултати.Последниот случај на дифтерија е регистриран во 1976 година. Нема податоци за регистрирани случаи на постпородилен тетанус уште од 1993 година.
Последниот случај на полиомиелитис е регистриран во 1987 година.
Во јуни 2002 година, Република Северна Македонија заедно со останатите држави од европскиот регион доби сертификат како земја ослободена од полио (polio-freecountry).
Имунизацијата може да биде активна и пасивна.
Активната имунизација се спроведува со вакцинација, односно ревакцинација. За активна имунизација против одредени заразни болести се употребуваат вакцини произведени од мртви или живи, но доволно ослабени (атенуирани) причинители на заразни болести или нивни производи и вакцини добиени на база на генетска, рекомбинантна технологија. За пасивна имунизација се употребуваат специфични имуноглобулини од хумано потекло.
Вакцинацијата против една заразна болест се спроведува со давање на поединечна вакцина (моновалентна), а против повеќе заразни болести со давање на комбинирана вакцина (поливалентна), или истовремено давање на повеќе поединечни или комбинирани вакцини. При истовременото давање на повеќе инјекциони вакцини, вакцините се даваат во различни екстремитети. Ревакцинацијата против заразна болест се спроведува со давање на една доза (buster) од соодветната поединечна, односно комбинирана вакцина или нивно истовремено давање.
Растојание помеѓу давање на две различни мртви или една мртва и една жива вакцина не се потребни, освен во случај при давање на вакцина против туберкулоза, кога растојанието за давање на било која друга жива или мртва вакцина не смее да биде пократко од 6 недели. Растојанието помеѓу давање на различни живи вакцини, доколку не се даваат истовремено, мора да биде најмалку четири недели.
Растојанието помеѓу давање на две дози од иста вакцина не смеат да бидат пократки од препорачаните минимални интервали помеѓу дозите, регулирани со овој правилник и согласно препораката од производителот. Растојание помеѓу давање на мртви вакцини и имуноглобулини не е потребно. Растојание помеѓу давање на живи вакцини и имуноглобулини, потребно е во следните случаи:
- Ако се дадени: трансфузија на крв, деривати на крв кои содржат антитела или имуноглобулини, во растојание пократко од 14 дена после давањето на жива вирусна вакцина,живата вакцина мора да се даде повторно во предвиденото растојание после имуноглобулинот, освен оралната полио вакцина која во тој случај не мора да се повтори;
- Ако се дадени: трансфузија на крв, деривати на крвта кои содржат антитела или имуноглобулин, живата вакцина може да се даде најрано после три месеци, по совет на имунолог, освен орална полио вакцина која може да се даде во било кое растојание после давањето на наведените препарати.
Активна имунизација против заразните болести се спроведува во текот на целата година. Активната имунизација се спроведува се додека не се опфатат сите лица за кои е пропишана имунизација, освен лицата кај кои се утврдени трајни контраиндикации.
Имунизацијата против одредени заразни болести во Република Северна Македонија опфаќа:
- Задолжителна активна имунизација на лица на одредена возраст;
- Активна имунизација против акутен вирусен хепатитис Б
- Активна имунизација против туберкулоза
- Активна имунизација против заболувања причинети од хемофилус инфлуенца тип „Б“.
- Активна имунизација против дифтерија,тетанус и голема кашлица
- Активна имунизација против детска парализа
- Активна имунизација против хуман папилома вирус – ХПВ
- Активна имунизација против мали сипаници, заушки и црвенка – рубеола
- Активна имунизација против Ротавирусни инфекции
- Активна имунизација против Пневмококни инфекции
- Задолжителна имунизација на лица експонирани на одредени заразни болести по епидемиолошки индикации;
- Активна и пасивна имунизација против акутен вирусен хепатитис Б
- Активна и пасивна имунизација против беснило
- Активна и пасивна имунизација против тетанус кај повредени лица
- Активна имунизација против цревен тифус
- Активна имунизација на лица по клинички и епидемиолошки индикации;
- Активна имунизација против грип
- Активна имунизација против заболувања предизвикани со hemofilus influence тип „В“
- Активна имунизација против менингококен менингит
- Активна имунизација против заболувања предизвикани со Streptococcus pneumoniae
(пнеумокок)
- Активна имунизација против голема кашлица
- Активна имунизација на патници во меѓународниот сообраќај.
- Жолта треска;
- Менингококен менингит;
- Цревен тифус;
- Колера;
- Дифтерија;
- Други заразни болести (акутен вирусен хепатит Б, беснило, тетанус, морбили и друго).
Пасивна имунизација се спроведува по индикација.
- КОНТРАИНДИКАЦИИ
Епидемија на заразна болест против која се спроведува имунизација не е контраиндикација за имунизаиција на лицата против таа болест. Епидемија на една заразна болест може да биде привремена контраиндикација за спроведување на имунизација против други заразни болести (освен против: беснило, акутен вирусен хепатит Б и тетанус, кај експонирани и повредени лица) врз основа на мислењето на епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје односно неговата организациона единица за своето подрачје, Центарот за јавно здравје Скопје, за град Скопје и Институтот за јавно здравје за територијата на Република Северна Македонија (во панатамошниот текст ЦЈЗ/ ОЕ, ЦЈЗСкопје и ИЈЗ РМ).
Имунизација против заразни болести не може да се спроведе кај лица кај кои постојат контраиндикации, сé додека тие постојат. Контраиндикација за имунизација на поедини лица против заразни болести можат да бидат општи и посебни, а по траење – привремени или трајни.
Општи контраиндикации за активна имунизација се:
- Акутни заболувања
- Фебрилни состојби
- Анафилаксија на компоненти на вакцината
- Тешки поствакцинални компликации на претходната доза на вакцина
Освен горенабројаните контраиндикации, контраиндикациите за живи вирусни вакцини се и:
- Состојби на намалена отпорност (имунодефициентна состојба заради: примарни имнодефициентни состојби, малигни заболувања, терапија со антиметаболици, поголеми дози кортикостероиди, алкилирачки соединенија или со радијација и други утврдени состојби на имуносупресија);
- Бременост. Контраиндикациите не се однесуваат на имунизација кај експонирани и повредени лица против беснило, акутен вирусен хепатит Б и тетанус, освен во случаите на анафилаксија на компоненти на вакцина против беснило, акутен вирусен хепатит Б и тетанус, кога може да се даде само специфичен имуноглобулин. Посебни контраиндикации за активна имунизација наведени се со секоја имунизација посебно.
Привремена контраиндикација за имунизација против одредена заразна болест утврдува доктор на медицина кој ја спроведува имунизацијата, односно под чиј надзор таа се спроведува, со преглед на лицата кои се имунизираат и со увид во здравствената документација на тие лица.
ДЕНЕС ИМА ДОСТАПНИ ВАКЦИНИ ЗА ЗАШТИТА ОД НАЈМАЛКУ 20 БОЛЕСТИ, КАКО ШТО СЕ ДИФТЕРИЈА, ТЕТАНУС, ГРИП И СИПАНИЦИ. ЗАЕДНО, ОВИЕ ВАКЦИНИ СПАСУВААТ ЖИВОТИ НА НАД 3 МИЛИОНИ ЛУЃЕ СЕКОЈА ГОДИНА.
ВАКЦИНИ ПРОТИВ КОВИД19
Во Република Северна Македонија за превенција од КОВИД-19 ќе бидат достапни вакцината Синофарм, вакцината на Фајзер-Бионтек, вакцината на Астра Зенека и вакцината Спутник В.
Вакцина Астра Зенека
- Тип на вакцина: аденовирус како вектор кои носи гени за С протеинот на САРС-Ков2 вирусот
- Препорачана возраст над 18 години
- Потребни се две дози, втората доза 4-12 недели по првата доза
- Се дава мускулно во рамото
- Ефикасност: во клиничките студии докажана е ефикасност од 63.09% за превенција на инфекција со САРС-Ков2, резултатите од реалната пракса се охрабрувачки, само по првата доза 85% се намалува ризикот за хоспитализација или тешка форма на болеста.
- Безбедност: повеќе од 25 илјади индивидуи беа вклучени во клиничките тестирања
- Најчести несакани ефекти – болка на местото на апликација, црвенило и чешање, покачена телесна температура, треска, главоболка, болки во мускули. Се јавуваат кај 1/10 индивидуи. Поретко се јавува алергиска реакција
- Најчесто несаканите ефекти се благи и краткотрајни и исчезнуваат еден ден до два по вакцинацијата
Вакцина Синофарм
- Инкативиран САРС-Ков2 вирус
- Препорачана на возраст над 18 години
- Потребни се две дози, втората доза од 21-28 дена по првата доза
- 86% ефикасна против САРС-Ков2 инфекција, 100% ефикасна за превенција на тешка болест
- Се дава мускулно во рамо
- Безбедност – Повеќе од 43 милиони дози се дадени до 21 февруари во светот
- Најчести несакани ефекти: болка на местот на апликација, црвенило и чешање, покачена телесна температура, треска, главоболка, болки во мускули
- Несаканите ефекти се благи и краткотрајни и исчезнуваат еден ден до два по вакцинацијата
Вакцина Фајзер-Бионтек
- мРНА вакцина која дава инструкции на организмот за создавање на протеин карактеристичен за вирусот САРС-Ков2
- Препорачана возраст над 16 години
- Потребни се 2 дози, втората доза 21 ден по првата доза
- Се дава мускулно во рамото
- Ефикасност: клиничките студии покажаа висока ефикасност до 94% превенција од САРС-Ков2 инфекција, податоците од вакцинацијата ширум светот ја потврдуваат ефикасноста од клиничките студии
- Безбедност: вакцината е безбедна повеќе од 40 илјади индивидуи беа вклучени во клиничките тестирања
- Најчести несакани ефекти – болка на местото на апликација, црвенило и чешање, покачена телесна температура, треска, главоболка, болки во мускули. Несаканите ефекти се почести по примање на втората доза
- Оваа вакцина може да даде и алергиска реакција не треба да се администрира на лица алергичнина полиетилен гликол (PEG) или сродни молекули, бидејќи PEG е една од состојките.
- Несаканите ефекти се благи и краткотрајни и траат до два дена по примање на вакцината
Вакцина Спутник В
- Тип на вакцина: аденовирус како вектор кои носи гени за С протеинот на САРС-Ков2 вирусот
- Препорачана на возраст над 18 години
- Потребни се 2 дози, втората доза 21 ден по првата доза
- Се дава мускулно во рамото
- Ефикасност: Ефикасноста на Спутник В наспроти КОВИД-19 е пријавена на 91,6%. Бројката се заснова на анализа на податоците на 19.866 волонтери, кои примиле и прва и втора доза на вакцината Спутник В
- Безбедност: Клиничките студии покажаа висока ефикаснот од 92% превенција од САРС-Ков2 инфекција. Исто така, се смета дека е безбедна – и нуди целосна заштита од хоспитализација и смрт.
- Најчести несакани ефекти: Некои несакани ефекти од вакцината се очекувани, но тие се обично лесни, вклучувајќи болка во раката, замор и покачена телесна температура.
Дали вакцинацијата против КОВИД -19 ќе биде задолжителна?
Не, вакцинацијата против коронавирусот е доброволна.
Безбедноста е врвен приоритет и има многу причини да се вакцинирате:
- Вакцинацијата против КОВИД-19 ќе биде важна алатка која ќе помогне да се запре пандемијата. Носењето маски и социјалното дистанцирање помагаат да се намалат шансите да бидете изложени на вирусот или да го проширите на други, но овие мерки не се доволни. Вакцините функционираат заедно со вашиот имунолошки систем, така што ќе бидете подготвени да се борите против вирусот доколку сте изложени на него. Комбинацијата на вакцинирање и следењето на препораките на Министерството за здравство за да се заштитите себеси и другите, ќе понудат најдобра заштита од КОВИД-19. Запирање на пандемијата бара користење на сите алатки што ги имаме на располагање. Бидејќи експертите дознаваат повеќе за тоа како вакцинацијата против КОВИД-19 може да помогне во намалувањето на ширењето на болеста во заедниците, Министерството за здравство ќе продолжи да ги ажурира препораките за заштита.
- Вакцинацијата против КОВИД-19 е побезбеден начин да се помогне во градењето заштита. КОВИД-19 може да има сериозни, опасни по живот компликации и не постои начин да се знае како КОВИД-19 ќе влијае на вас. И ако се разболите, може да ја пренесете болеста на пријателите, семејството и другите околу вас. Клиничките испитувања на сите вакцини мора прво да покажат дека се безбедни и ефикасни пред било која вакцина да биде одобрена за употреба, вклучително и вакцините против КОВИД-19. Инфекцијата со КОВИД-19 може да понуди одредена природна заштита, позната како имунитет. Тековните докази кажуваат дека реинфекцијата со вирусот што предизвикува КОВИД-19 е невообичаена во 90 дена по првичната инфекција. Сепак, експертите не знаат со сигурност колку трае оваа заштита, а ризикот од тешка болест и смрт од КОВИД-19 далеку ги надминува придобивките од природниот имунитет. Вакцинацијата против КОВИД-19 ќе ви помогне да се заштитите со создавање на антитела (имунолошки систем) без да имате искуство со болеста. И природниот имунитет и имунитетот произведен од вакцина се важни делови на болеста КОВИД-1
- Вакцинацијата против КОВИД-19 ќе биде важна алатка која ќе помогне да се запре пандемијата. Носењето маски и социјалното дистанцирање помагаат да се намалат шансите да бидете изложени на вирусот или да го проширите на други, но овие мерки не се доволни. Вакцините функционираат заедно со вашиот имунолошки систем, така што ќе бидете подготвени да се борите против вирусот доколку сте изложени на него. Комбинацијата на вакцинирање и следењето на препораките на Министерството за Здравство за да се заштитите себеси и другите, ќе понудат најдобра заштита од КОВИД-19. Запирање на пандемијата бара користење на сите алатки што ги имаме на располагање. Бидејќи експертите дознаваат повеќе за тоа како вакцинацијата против КОВИД-19 може да помогне во намалувањето на ширењето на болеста во заедниците, МЗ ќе продолжи да ги ажурира препораките за заштита.
Дали вакцинацијата против КОВИД-19 обезбедува долгорочна заштита?
Прерано е да се знае дали вакцините против КОВИД-19 ќе обезбедат долгорочна заштита. Потребно е дополнително истражување за да се одговори на ова прашање. Сепак, охрабрувачки е што достапните податоци сугерираат дека повеќето луѓе кои се опоравуваат од КОВИД-19 развиваат имунолошки одговор, кој обезбедува барем одреден период на заштита од реинфекција – иако сè уште се истражува колку е силна оваа заштита и колку трае. Повеќето вакцини против КОВИД-19 што се користат се даваат во две дози.
Колку брзо вакцините против КОВИД-19 можат да ја запрат пандемијата?
Влијанието на вакцините против КОВИД-19 врз пандемијата ќе зависи од повеќе фактори како што се ефикасноста на вакцините; колку брзо се одобруваат, произведуваат и испорачуваат и колку луѓе се вакцинираат. Повеќето научници предвидуваат дека, како и повеќето други вакцини, вакцините против КОВИД-19 нема да бидат 100% ефикасни. Но од досегашните искуства гледаме дека вакнинацијата дава ефект. На пример во Израел, според нивна државна студија, се забележува 94% намалување на бројот на нови случаи.
Што знаеме до сега за вакцините против КОВИД-19?
Студиите покажуваат дека вакцините против КОВИД-19 се ефикасни во спречувањето да не се заразите со КОВИД-19. Експертите исто така сметаат дека примањето на вакцината против КОВИД-19 може да помогне да не се разболите сериозно, дури и ако се инфицирате со КОВИД-19. Вакцинацијата против КОВИД-19 ќе ни помогне да се вратиме во нормала.
Вакцините против КОВИД-19 го учат нашиот имунолошки систем како да го препознае и да се бори против вирусот што предизвикува КОВИД-19. Обично се потребни неколку недели по вакцинирањето за телото да создаде заштита (имунитет) од вирусот што предизвикува КОВИД-19. Тоа значи дека можно е некое лице да се зарази со КОВИД-19 веднаш по вакцинирањето. Ова се случува поради тоа што понекогаш, кај некои луѓе, кои веќе биле инфицирани со вирусот, се наоѓале во период на инкубација или дошле во контакт со вирусот веднаш по примање на првата доза, вакцината немала доволно време да обезбеди заштита.
Постојат чекори што можете да ги преземете за да се заштитите додека не се вакцинирате. Дури и откако ќе се вакцинирате, важно е да продолжите да ги превземате сите превентивни мерки за заштита кои помагаат да се запре оваа пандемија (носење маски, миење раце, и држење дистанца од 1.5 метар), бидејќи секој ден учиме повеќе за тоа како вакцините против КОВИД-19 функционираат во реални услови.
Што не знаеме се уште за вакцините против КОВИД-19?
Иако вакцините против КОВИД-19 се ефикасни во спречувањето да не се разболите, научниците сè уште проучуваат колку вакцините спречуваат да го ширите вирусот што предизвикува КОВИД-19 на други, дури и ако не се разболите.
Ако сте вакцинирани против КОВИД-19, сепак може да бидете изложени на вирусот што предизвикува КОВИД-19. По изложувањето, луѓето можат да бидат заразени или да го „носат“ вирусот што предизвикува КОВИД-19, но не се чувствуваат болни или имаат какви било симптоми. Експертите ја нарекуваат оваа состојба „асимптоматска инфекција“. Од оваа причина, дури и по вакцинацијата, треба да продолжиме да ги почитуваме мерките за заштита, бидејќи учиме повеќе за тоа како вакцините против КОВИД-19 функционираат во реални услови.
КАКО ДЕЛУВААТ ВАКЦИНИТЕ ПРОТИВ КОВИД19?
Имунолошки систем – одбрана на телото од инфекција
За да разбереме како функционираат вакцините против КОВИД-19, најпрво треба да знаеме како организмот се бори против болеста. Кога микроорганизмите, како што е корона вирусот што предизвикува КОВИД-19, ги напаѓаат нашите тела, тие навлегуваат во организмот и се размножуваат. Оваа инвазија, наречена инфекција, е она што предизвикува болест. Нашиот имунолошки систем користи неколку алатки за борба против инфекцијата. Крвта содржи црвени и бели крвни клетки. Црвените крвни клетки носат кислород до ткивата и органите, додека белите или имунолошки клетки се борат против инфекцијата. Различни видови на бели крвни клетки се борат со инфекција на различни начини:
Макрофагите се бели крвни клетки кои ги голтаат и варат микроорганизмите, мртвите келтки или клетките кои се во фаза на умирање. Макрофагите оставаат зад себе делови од микроорганизмите наречени антигени. Телото ги идентификува антигените како опасни и ги стимулира антителата да ги напаѓаат.
Б-лимфоцитите се одбранбени бели крвни клетки. Тие ги произведуваат антителата кои ги напаѓаат деловите на вирусот оставени од макрофагите.
Т-лимфоцитите се друг вид на одбранбени бели крвни клетки. Тие ги напаѓаат клетки во телото кои веќе биле заразени.
Кога едно лице за првпат ќе се зарази со корона вирусот што предизвикува КОВИД-19, може да бидат потребни неколку дена или недели неговото тело да ги вклучи сите алатки во борбата против вирусот кои се потребни за да се победи инфекцијата. После инфекцијата, имунолошкиот систем на лицето го меморира она што го научил за тоа како да се заштити телото од таа болест односно организмот развил имунитет.
Телото чува неколку Т-лимфоцити, наречени мемориски клетки, кои брзо стапуваат во акција ако телото повторно се сретне со истиот вирус. Кога ќе се откријат познатите антигени, Б-лимфоцитите произведуваат антитела за да ги нападнат. Експертите сè уште учат колку долго овие мемориски клетки го штитат лицето од вирусот што предизвикува КОВИД-19.