Традиционална Петровденска крводарителска акција
Крводарителството во Република Македонија се темели на принципите на доброволност, анонимност, бесплатност и солидарност. Само ваквите принципи обезбедуваат посигурна крв и крвни продукти. Со самото дарување на крв, крводарителот изразува највисок степен на солидарност со сите оние на кои таа им е потребна, без оглед на возраст, пол, раса, боја, национална и верска припадност.
Работејќи во согласност со овие принципи општинската организација на Црвен крст Прилеп секоја година го исполнува планот кој е предвиден за собирање на крвни единици благодарение на хуманите граѓани кои даруваат крв, при што се организираат многу крводарителски акции со цел задоволување на потребите од крв. Една од овие помасовни крводарителски акции е и Петровденската крводарителска акција која се реализира традиционално по повод празникот Петровден (12.07.2014). Акцијата се спроведе во комплексот на градскиот базен ,,Маркови кули’’ поточно во ресторанот кој се наоѓа во самиот комплекс со почеток од 09 часот наутро и траеше до 16 часот попладне. Оваа крводарителска акција беше успешно реализирана со што имаше позитивен одзив на граѓани кои сакаат да ја даруваат својата скапоцена црвена течност, и прилепчани уште еднаш ја покажаа својата хумана моќ.