VII по ред годишен состанок на Службите за барање на европските национални друштва
8-11.10.2014година, Софија, Р. Бугарија
МИГРАЦИИТЕ, НОВ ПРЕДИЗВИК НА ДВИЖЕЊЕТО
Почитувањето на единството на семејството оди заедно со почитувањето на човековото достоинство. Добросостојбата на човекот зависи во голема мера од неговата можност да биде во контакт со своите најблиски или барем да добие информации за тоа што им се случило. Различните компоненти на Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина, со децении наназад прават исклучителни напори за воспоставување на семејни врски. Нов предизвик на Движењето во изминатите неколку години на овој план, секако дека претставуваат миграциите, кои како резултат на голем број воени судири и природни катастрофи во светот се горлив проблем на кој се посветува големо внимание.
Токму на оваа тема се говореше на VII-от по ред годишен состанок на Службите за барање на европските национални друштва, на кој и Црвениот крст на Република Македонија имаше свој претставник. Покрај европските национални друштва на состанокот присуствуваа и претставници на Американскиот, Австралискиот, Канадскиот и Црвениот крст на Нов Зеланд и претставници на Меѓународниот Комитет на Црвен крст и Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина.
Со особено внинамие се разработуваа содржините како: Интеграција на Службите за барање во Менаџментот со катастрофи на националните друштва и Службите за барање во процесот на барање, алатки и предизвици во случаи на исчезнати или раздвоени семејства на мигранти.
Со оглед на актуелната состојба со зголемениот број на мигранти во Европа, кои претежно доаѓаат од кризните подрачја на Сирија, Авганистан и Ирак, на состанокот беа разгледувани можностите за максимално вклучување на Службите за барање на националните друштва, заради ефикасен одговор во процесот на воспоставување на семејни врски.