
октомври 22, 2021
Вработените од Комерцијална Банка АД Скопје се вклучија во кампањата „Помислете и на нас“ по повод Ден на борба против гладта
Кампањата по повод Ден на борба против гладта, под мотото „Помислете и на нас“, како и секоја година, се одбележува во периодот од 16-ти октомври до 16-ти ноември. Преку оваа кампања, Црвениот крст на Република Северна Македонија се обидува да го изедначи степенот на добросостојба на сите граѓани во општеството, а еден од начините е преку хуманитарни акции за обезбедување донации.
Оваа година, сакаме да изразиме голема благодарност до вработените во Комерцијална банка АД Скопје, кои, преку обезбедување донации во вид на храна, дадоа поддршка на Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Центар.
Донацијата беше дистрибуирана до социјално загрозени семејства, како и до згрижувачки семејства кои живеат на територија на општина Центар.
Комерцијална банка АД Скопје е долгогодишен соработник на Општинска организација Центар и вработените редовно се вклучуваат во реализација на разни активности.
Поддршката која ја добиваме од компаниите е од суштинско значење за добробитот на заедницата и на граѓаните на кои им е најмногу потребна помош.






