
март 17, 2021
Жена лидер
Жените во Црвениот крст и Црвената полумесечина се лидери за време на пандемијата со КОВИД-19 – не само оние на раководни функции, туку преку безброј секојдневни лидерски дела во заедниците и во нашата мрежа.
Сведоци сме на бесконечни примери на жени волонтери и вработени прават исчекор и ги водат своите колеги во оваа криза. Овие жени го прават тоа додека истовремено се справуваат со дополнителните, родови влијанија предизвикани од КОВИД-19 во нивниот личен живот.
Во овие најтешки времиња, поединечните дела на лидерство го олицетворуваат најдоброто во човештвото.

“Придонесот и учеството на жените за време на Ковид 19 пандемијата уште еднаш докажа дека жените се способни да инспирираат, мотивираат, храбро и без страв да се вклучат во ублажувањето на последиците од здравствен и социо-економски карактер. Итајќи кон патот на зацртаната цел, покрај Црвениот крст ги понесовме љубовта, грижата и сочувството со нас, а тоа е она што жените во општеството ги прави силни, бестрашни и храбри. Оваа пандемија уште еднаш го докажа ова.
Да бидам дел од Црвен крст за мене значи дека сум му дала прва помош на мојот ум, мојата душа.
9 години сум дел од Црвениот крст, од кои 8 години во Едницата за одговор при катастрофи.” – Билјана Јосифоска, волонтер и член во Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Центар

“Прозорецот на моето срце е со поглед кон Црвениот крст. Заедно битисуваме половина век. Со мојот „сосед“ заеднички градиме подобар свет за оние на кои им е потребна помош. Како волонтер и хуманитарец носам голем багаж и значајна одговорност. Но, ништо не е тешко или невозможно, кога наутро се будиш со боите на Црвениот крст.” – Жаклина Мучева, член и волонтер на Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Центар

“Една година од можеби најголемиот хуманитарен предизвик со кој се соочивме, бидејќи ни се смени секојдневието, се зголеми бројот на нови различни целни групи, а воедно се променија и потребите за хуманитарна помош.
Да се биде жена лидер на терен и на раководна функција во сето тоа, значеше и сѐ уште значи да несебично се даваш себе си во службата за помош на загрозените, ранливите, но и колегите и притоа да останеш непристрасен, хуман, храбар и позитивен. Покрај тоа, непрестано да продолжиш со својата мисија за едукација на населението и превенција на Ковид 19, но и за останатите здравствени теми и програми на Црвениот крст на Република Северна Македонија.” – Аленка Шопова, 11 години волонтер и член на Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Центар, Претседател на Советот на млади на ЦКРСМ и член на Раководен Одбор на ЦКРСМ