октомври 6, 2026

30 години ПХВ – 30 години хуманост, солидарност и добрина претворена во дела!

Со локален настан ја одбележавме Неделата на ПХВ – „Промоција на хумани вредности“, но и големиот јубилеј – 30 години од почетокот на ПХВ програмата, која низ годините им овозможува на младите да учат, создаваат и дејствуваат за својата заедница.

ПХВ е национална младинска програма на Црвениот крст на Република Северна Македонија, наменета за млади од 13 до 17 години. Преку неа, младите учат да ги препознаваат потребите во својата заедница, да осмислуваат хумани идеи и, најважно, да ги претворат во конкретни дела.

Овој јубилеј беше можност да се потсетиме дека зад секој ПХВ проект стои една идеја, една желба да се помогне и многу млади срца подготвени да направат нешто добро.

На свеченоста ги слушнавме искуствата на Роска Јовановиќ и Аленка Шопова Илиеска, кои своите први чекори во хуманоста и волонтерството ги направиле токму преку ПХВ.

Уметничкиот дел од свеченоста го збогати Никола Дукоски, млад македонски поет, слем-поет и автор на проза за деца, кој за овој значаен настан создаде и специјална творба.

ПХВ не би била можна без училиштата и наставниците кои им даваат простор и поддршка на младите да бидат активни, креативни и хумани.

Со посебно признание ги одбележавме:

СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“

СУГС „Јосип Броз – Тито“

СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“

ДУФК „Методија Митевски – Брицо“

ПСУ “Алгоритам“

На одговорните наставници им беа доделени дипломи за училиштата, заедно со дипломите за младите кои успешно реализираа ПХВ проекти оваа година.

Нашата благодарност ја упативме и до партнерите и поддржувачите кои веруваат во младите и во нивните идеи: г-дин Константин Чорогунов, г-дин Жарко Димовски, д-р Жарко Костиќ и Градски трговски центар А.Д. – Скопје.

ПХВ не е само програма. ПХВ е искуство кое остава трага, пријателства кои траат и вредности кои се пренесуваат од една генерација на друга.

Затоа, по 30 години, приказната продолжува.

Со секоја нова идеја.

Со секој млад човек кој сака да помогне.

Со секоја подадена рака.

Со секое мало дело кое создава голема промена.

Нека ПХВ продолжи да ги поврзува младите, да раѓа нови идеи и да ја претвора хуманоста во дела.

< врати се назад