
5 Декември – Светскиот ден на волонтеризмот
Во духот на солидарноста и заедништвото
По повод 5 Декември – Светскиот ден на волонтеризмот, Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Центар организираше хуманитарна волонтерска акција посветена на поддршка на социјално загрозени семејства од општината.
Во духот на солидарноста и заедништвото, настанот го збогати присуството на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој заедно со својот тим се придружи на волонтерите во пакување хуманитарни пакети со основни прехранбени продукти. Нивната вклученост уште еднаш ја потврди важноста на соработката помеѓу локалната самоуправа и Црвениот крст во создавање посилна и поодговорна заедница.
Акцијата резултираше со подготвени пакети кои ќе бидат распределени до семејства што се соочуваат со економски тешкотии, со цел да им се олесни секојдневието и да им се пружи поддршка во текот на зимскиот период.
Како потврда на мислата дека силна и хумана општина се гради врз вредностите на солидарноста, довербата и заедничката одговорност, градоначалникот и претставниците од општина Центар потпишаа Општинска Декларација за поддршка на волонтерството.
Црвениот крст ОО Центар им се заблагодарува на сите волонтери, поддржувачи и учесници во активноста, кои со својата несебична ангажираност го одбележаа Светскиот ден на волонтеризмот и покажаа дека хуманоста е најсилната алка во нашето општество.














































