август 17, 2026

Посета на Музејот на Македонија

Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Центар, во соработка со Дневниот центар за лица со попреченост над 18 години „Пролет“ при Црвен крст на Град Скопје, организираше посета на Музејот на Македонија.

Во рамките на посетата беше реализирана ликовна работилница во Центар за едукација на музејот, каде што учесниците имаа можност преку креативно изразување да поминат квалитетно време во пријатна и инклузивна атмосфера.

Активноста продолжи со разгледување на музејските поставки, преку кои учесниците се запознаа со дел од богатото културно и историско наследство на Македонија.

Посетата претставуваше можност за дружење, социјализација, едукација и поттикнување на креативноста, како дел од заложбите за активно вклучување на лицата со попреченост во културниот и општествениот живот.

Изразуваме голема благодарност до вработените во Музејот на Македонија за топлото гостопримство, посветеноста и поддршката при реализацијата на оваа активност.

< врати се назад